Американската софтверска компанија „Мајкрософт“ од вкупно 20 анализирани новопроизведени компјутери откри четири заразени со штетен софтвер, во најголем дел со информатичкиот вирус „Нитол“, објави интернет страницата „expansion.com“.

Вирусот „Нитол“ овозможува информатичките кибернетски криминалци да вршат злоупотреба на личните податоци на корисниците на компјутерите со цел да дојдат до нивните банкарски податоци.

Во извештајот на компанијата „Мајкрософт“ се наведува дека компјутерите биле заразени во текот на производството во одредени фабрики во Кина.

Тимот на „Мајкрософт“ набавил 10 десктоп и 10 преносни нови компјутери. Кај четири уреди е откриено дека се заразени со софтвер кој дозволува вклучување на далечина на микрофонот и веб камерата на заразените уреди, што на криминалците им овозможува да имаат „очи и уши“ во домовите или канцелариите на потенцијалните жртви.

„Мајкрософт“ успешно го идентификувал домејнот од кој се вршат нападите. Компанијата добила дозвола од американски суд да преземе контрола над домејнот со цел да го „филтрира сообраќајот“ и да ги блокира податоците кои евентуалано ги злоупотребил софтверот.

Image and video hosting by TinyPic