Во пораката која Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун ја испрати по повод денот против пушењето се вели дека годинава Светскиот ден против пушењето се случува во период во кој тутунската индустрија презема се поагресивни чекори за да ги намали глобалните заложби за намалување на опасностите од употребата на тутунските производи.

- Додека владите и меѓународната заедница се обидува да примени ефективни мерки за намалување на употребата на тутунските производи и да го заштити здравјето на населението, на нивните напори агресивно се спротиставува индустријата, чии производи ги убиваат луѓето. Тутунските производи убиваа предизвикувајќи карцином, срцеви и респираторни болести кои претставуваат едни од водечките незаразни болести кои можат да се превенираат, се вели во пораката.

Употребата на тутунските производи има продорни, тешки последици. Во пораката генералниот секретар нагласува дека тутунските производи го успоруваат развојот и ја влошуваат сиромаштијата.

- Тутунските производи и сиромаштијата создаваат маѓепсан круг, бидејќи сиромашните се тие кои најмногу пушат тутун, а тие и го носат најголемиот економски товар и оптеретувањето со болести кои се добиваат од користење на тутунот. Бидејќи, парите се трошат за тутунски производи, тие не можат да се искористат за купување храна, плаќања во образованието и здравствената заштита. Употребата на тутунски производи се повеќе расте во земјите со низок приход кои се најмалку опремени да се справат со последиците од употреба на овие производи, вели Бан Ки-мун.

Рамковната Конвенција за контрола на тутунот на Светската здравствена организација со 174 држави-членки стана еден од најбрзо прифатените договори во историјата на ООН, по нејзиното стапување на сила во 2005 година. Во политичката Декларација усвоена на состанокот на највисоко ниво за незаразните болести мината година, меѓународната заедница ја потврди својата детерминираност за намалување на расположливоста и користењето на тутунските производи.

- Контролата на тутунските производи е основана за постигнување на глобалните развојни цели. Ако не ги зголемиме нашите напори за нивна котрола, тутунот ќе убие до една милијарда луѓе во овој век. Интересите на тутунската индустрија и јавното здравство се директно спротивни. Од кога Рамковната Конвенција стапи на сила, индустријата за тутунски производи се бори против заштитните мерки предвидени со Конвенцијата без да води сметка за здравјето на луѓето. Но, имаме прогрес. Некои држави успеаа да го намалат пушењето тутун за 25 отсто и тоа само за период од три години од примената на строгите контролни мерки кои се во согласност со Рамковната Конвенција, се вели во пораката.

На денешниот ден генералниот серетар на ОН Бан Ки-мун ги поттикнува сите влади и граѓанските здруженија да превенираат индустријата за тутунски производи да наштети во примената на Рамковната Конвенција.

По повод Светскиот ден против пушењето, пред Спомен куќата на Мајка Тереза денеска ќе биде реализиран проектот „Овошје за цигара“. 

Акцијата ќе се одвива од 10 до 19 часот на отворен штанд на кој граѓаните ќе бидат поттикнати да ги остават цигарите, да се погрижат за своето здравје, воведувајќи нови навики и здравствени реформи во својот живот. Ќе биде промовиран Петдневниот план за одвикнување од пушењето, кој е прифатен и одобрен од Светската здравствена организација, Американската здравствена асоцијација, Здружението за борба против ракот и Белодробна асоцијација на САД.

Секоја година околу пет милиони луѓе умираат поради тоа што користат тутунски производи. Дополнително, 600.000 луѓе умираат поради секундарна изложеност на тутунскиот чад.

 

Image and video hosting by TinyPic