Универзитетскиот професор и политички аналитичар, Александар Даштевски во интервју за Прес24, оценува дека пристрасноста и заземањето страна, што го прави СЈО ја води оваа институција кон неуспех.

-Евидентно е дека таа зазема страна во конкретната ситуација, а заземањето на страна секогаш води кон неуспех, вели Даштевски за Прес24, потенцирајќи дека главната причина и за однесувањето на Специјалната обвинителка, Катица Јанева и за нејзината пристрасност е грешката во постапката за основањето на СЈО.

- Во таквиот политички договор е направена грешка и политичката одлука за формирање на СЈО е противуставна. Од друга страна, гледаме дека имаме и специјална влада за спроведување на изборите, а ЛДП бараше формирање на посебен суд. Тоа би значело паралелна држава. Ако веќе постои паралелна извршна власт и се направи паралелна судска власт, значи две од трите основни функции на државата не се унифицирани. Останува уште паралелно собрание и да добиеме две држави, кои функционираат независно една од друга, вели Даштевски.

Тој потенцира дека сето ова доведува до невидени преседани како последниот кога Јанева ги суспендираше сите институции во државата.

-Ова е преседан во историјата на Република Македонија, што не се случил до сега, а може да се смета како обид за државен удар. Бидејќи непризнавањето на овие основни институции на системот, без кои државата не може да функционира, значи непризнавање на самата држава. Евентуално таа требаше да го даде своето мислење на поставеното прашање за уставниот суд, па макар и негативно, иако тој ќе одлучува по иницијативата за испитување на уставноста на институцијата со која таа раководи. Конечно, добар беше одговорот на романската обвинителка која рече дека никој не треба да ги оценува институциите на системот, туку да работи според законите, вели во интервјуто за Прес24, Александар Даштевски.

Тој одговара и на прашања поврзани со протестите против Уставниот суд, како и за одлуката, за која оценува дека е апсолутно исправна.

 

ПРЕС24: Неделава ја одбележа изјавата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со која таа ги прогласи за нелегитимни речиси сите институции во Македонија. Многумина ја оценија како скандалозна изјава, други како политичка и неодговорна. За што точно станува збор и какви последици може да предизвика оваа изјава?

ДАШТЕВСКИ: Пред да ја коментирам изјавата, сакам да потенцирам дека јавен функционер не смее да си дозволи да даде таква изјава. Со тоа може да се подбиваат или да се препукуваат граѓани на социјалните мрежи, но недозволиво е за еден јавен функционер, така да се однесува од повеќе причини.

Пред се се работи за функционер од областа на правосудството односно Специјалното јавно обвинителство, кое посебно би требало да ги познава прописите во оваа област. Изјавата се однесува на прислушкуваните разговори за кои се уште се води истрага па не може не само во оваа фаза, туку до правосилноста на постапките, доколку бидат покренати да се даваат никакви изјави.

Второ, со ова се повредува презумцијата на невиноста, како една од основните придобивки на демократијата и почитувањето на човековите права. Споменувајќи ги овие три институции (Собранието на РМ, Претседателот на државата и судиите на Уставен суд) јасно е дека таа предвреме изнесува факти кои се уште не се ни предмет на истрагата, како да се веќе утврдени со правосилна пресуда. На тој начин, бидејќи точно се знае кои се тие луѓе ја повредува нивната личност, истакнувајќи дека тие институции се нелегитимни, иако за тоа не е поведена никаква постапка, а се уште сме предалеку од утврдување на фактичката положба, да не зборуваме за правосилна судска одлука. Со ова, таа се става во надредена положба над сите институции во државата и врши притисок, да се почитува само институцијата Специјално јавно обвинителство, кое е изберено од истите институции на системот, што таа ги смета за нелегитимни.

Ова е преседан во историјата на Република Македонија, што не се случил до сега, а може да се смета како обид за државен удар. Бидејќи непризнавањето на овие основни институции на системот, без кои државата не може да функционира, значи непризнавање на самата држава.

Евентуално таа требаше да го даде своето мислење на поставеното прашање за уставниот суд, па макар и негативно, иако тој ќе одлучува по иницијативата за испитување на уставноста на институцијата со која таа раководи. Конечно, добар беше одговорот на романската обвинителка која рече дека никој не треба да ги оценува институциите на системот, туку да работи според законите.

ПРЕС24: Кога некој кој има улога да го штити правниот поредок на една држава, дрско ќе каже немам намера да одам во  Собрание, пред Совет на обвинители, дали тоа е само преседан, скандал или пак крај на правниот поредок? Ова не е единствен ваков однос на луѓето во специјалното јавно обвинителство. Впрочем изминатиов период имаше серија на изјави кои многу повеќе имаа политичка отколку каква било прван димензија. Според Вас, од каде извира потребата на специјалните обвинителки, барем оние три експонирани во јавноста, за политички настапи?

ДАШТЕВСКИ: Кога некој ќе изјави дека нема намера  да оди пред овие институции кои го избрале и пред кои одговара, тоа според мене значи непочитување на овие функции, од причини што се поставува над нив. Ова не е прв пат да не се почитуваат овие институции. Знаеме дека имаше повеќе проблеми со Советот на обвинители, особено при изборот на нејзините заменици. Така што ова не е крај на правниот поредок, туку непочитување на правниот поредок и работење во спротивност со законот, а за тоа постои одговорност. Ако вие ги повикате избраните заменици во специјалното обвинителство, да не дадат свечена изјава, постапувате спротивно на законот за Совет на јавни обвинители. Како тогаш ќе ги спроведувате другите закони ако го прекршувате основниот закон според кој треба да работите.

Сметам дека причината за ваквото постапување е заштитата која таа ја има во овој момент, како од опозицијата, така и од меѓународната заедница. Сите четири партии што ја избраа едногласно за да помогне во решавање на политичката криза сега се изненадени од нејзиното однесување и од нејзината неспособност барем да почне со решавање на предметите кои таа ги избра.

Од друга страна евидентно е дека таа зазема страна во конкретната ситуација, а заземањето на страна секогаш води кон неуспех. Дека зазема страна видовме во повеќе наврати.

Прво, неколку пати нејзините активности ги најави лидерот на опозицијата на митинг, второ таа го побара случајот Пуч, во кој веќе има еден осуден, а постапката за другите беше пред крај. Исто така, таа го побара предметот за барање на поткуп на лидерот на опозицијата, во својство на градоначалник на Струмица што не е во нејзина надлежност, затоа што причина за нејзиниот избор е да ја реши состојбата со прислушкуваните разговори, а не да постапува во сите предмети по сопствена желба. Така стои во договорот од 15.Јули 2015 во Пржино, иако нејзината заменичка Фатиме Фетаи на прес конференцијата за случајот „Титаник“ изјави дека таа пријава не произлегува од тие разговори. Евидентно е дека не ја сфатиле причината поради која се избрани.

Има многу прекршувања на законот од страна на СЈО за што треба подолг текст, но таа заштита нема вечно да трае, така што доколку државата продолжи да функционира нормално после изборите, таа ќе мора да понесе одговорност за своите постапки.

ПРЕС24: Дали независноста и непристрасноста на Јанева и СЈО е доведено во прашање по се ова и дали ова тело го има легитимитетот да се декларира како објективна и професионална институција?

ДАШТЕВСКИ: Сите овие наводи укажуваат на фактот дека СЈО не може да се декларира како објективна и независна институција.

Ќе укажам на еден факт што најголемите политички партии не го имале во предвид кога ја донеле оваа одлука, а посебно при изборот на кадарот, кој сега е дел од СЈО. Имено, основните јавни обвинителства од кои доаѓа најголем дел од тимот на оваа институција, немаат никакво искуство во постапување по такви предмети, во согласност со Законот за судовите и Законот за јавното обвинителство. Затоа, лидерите уште на преговорите требале да стават клаузула дека СЈО ќе биде избрано пред се, од редовите на обвинителството за организиран криминал или вишите јавни обвинителства, а да го раководи поранешен или сегашен јавен обвинител од Републичкото јавно обвинителство. На тој начин решавањето на СЈО би добило во тежина и капацитет кој е неопходен во вакви комплицирани ситуации.

Не требаше многу време да се оцени дека Специјалната јавна обвинителка нема капацитет за водење на ваков орган. Како од посочените примери, така и од секојдневните активности е потполно јасно дека таа има проблеми да прочита текст, дека тешко се изразува и дека има сериозни проблеми со јавните настапи. Поради тоа постојано бара некоја замена за да не дојдат до израз овие нејзини особини. За жал во составот што сама го избра нема некој посебен избор, за да можат да ја заменат. Сепак се работи за сериозна институција, а не за холивудски филм.

Всушност анкетите за доверба во СЈО покажаа дека 67 проценти немаат доверба во оваа институција, 23 проценти имаат а другите се неутрални.

ПРЕС24: Кога сме кај легитимитетот и уставноста, СЈО е формирано врз основа на политички договор, што во Македонија станува некое непишано правило. Колку таа пракса е во насока на ерозија на институциите, а колку во насока на воспоставување стабилност?

ДАШТЕВСКИ: Јас уште од почетокот на политичката криза се залагав таа да се реши помеѓу домашните политички фактори, без меѓународно посредништво. Се покажа дека тоа мешање уште повеќе ги искомплицира работите како што кажа во една изјава и еврокомесарот Хан.

Меѓународното посредништво според мене, беше испланирано уште пред почетокот на кризата, но она што е основно во такви преговори, странците не го познаваат доволно нашето законодавство. Иако, делуваше дека партиите сами се договараат за одредбите во договорот и во текот и по потпишување на договорот во Пржино се направија повеќе отстапки. Всушност претседателот на ВМРО ДПМНЕ им се извини на граѓаните за отстапките кои биле направени во текот на преговорите, но рече дека на тоа биле принудени за доброто на државата.

Во таквиот политички договор е направена грешка и политичката одлука за формирање на СЈО е противуставна. Од друга страна, гледаме дека имаме и специјална влада за спроведување на изборите, а ЛДП бараше формирање на посебен суд. Тоа би значело паралелна држава. Ако веќе постои паралелна извршна власт и се направи паралелна судска власт, значи две од трите основни функции на државата не се унифицирани. Останува уште паралелно собрание и да добиеме две држави, кои функционираат независно една од друга.

Всушност обиди за федерализација на државата постојано се спомнуваат. Затоа, како што имаше неколку модификации на политичкиот договор, сметам дека е време истите политички субјекти да седнат и да го модифицираат договорот во точка 8, каде што ќе ги сменат критериумите за избор на СЈО и ќе ги усогласат со Законот за судовите и Законот за јавното обвинителство за да можат сериозни јавни обвинители да ја довршат постапката.

Иако, после сите гафови и очигледниот неуспех на СЈО, а особено после последната изјава за нелегитимноста на институциите на системот, за која да не заборавиме дека следниот ден имаше објаснување, јасно е дека таа нема да си поднесе оставка.

ПРЕС24: Неодамна јавноста беше сведок на една серија на протести против Уставниот суд, што е прв пат на ваков начин да се демонстрира незадоволство. Ако во минатото многумина го спореа моментот што некои аналитичари ги коментираа одлуките на Уставниот суд, сега имавме класичен притисок од истите врз Уставниот суд. Не е ли тоа во најмала рака лицемерно. Ајде малку околу исправноста на одлуката на Уставниот суд за која и беше овој притисок. Има ли овде спорени моменти од поглед на уставноста во оваа одлука?

ДАШТЕВСКИ: Јас минантата недела во емисијата „Пулт„  на РСМ реков дека тие протести ги карактеризирам како “Much Ado for Nothing” или Многу врева за ништо, како во претставата на Вилијам Шекспир.

Според мене тоа беше обид за атак на највисоката институција на системот, со цел да се оневозможи неговата работа и да се докаже дека во државата не функционираат институциите. Ние бевме сведоци колку проекти на владата на ВМРО- ДПМНЕ беа блокирани во време на нејзината најголема популарност, но никој не ни помисли да протестира пред уставниот суд, ниту да ги етикетира судиите. Покрај другото намерата на протестантите беше да ја претстават одлуката како опасна за државата, што апсолутно не е точно.

Во 2009 година по иницијатива на владејачката партија се донесени измени во Законот за помилување, револтирани од помилувањето што го направи претседателот Бранко Црвенковски, за криминалот во глобал на Зоран Заев. Тогаш, пратениците од СДСМ се спротивставуваа на таа одлука тврдејќи дека е противуставна и дека ако се поднесе иницијатива за испитување на уставноста, уставниот суд ќе ја поништи. Тоа не се случи до сега, но пред неколку месеци е поднесена таква иницијатива. Неа може да ја поднесе секој граѓанин во Република Македонија, така што тоа право е сосема легитимно и важи за секого.

Измените кои беа направени тогаш во Член 1 од законот се дека Претседателот на државата не може да помилува лица кои сториле кривични дела од главите, против изборите и гласањето, половиот морал и сексуалната слобода, растурање и употреба на дроги, психотропни супстанции и прекурзори и кривичните дела против човештвото и меѓународното право. Точно е дека во втората од овие глави спаѓа и Педофилијата, за која сметам дека никому не му паднало на памет да помилува некого, иако протестантите имаа намера да прикажат дека за тоа нема ни да се води постапка, што апсолутно не е точно.

Од друга страна имаме ситуации кога за повеќекратно убиство или за други потешки дела сторителот ќе може да биде помилуван, а доколку употребувал марихуана, иако се ресоцијализирал (што е целта на кривичната санкција) нема да може да биде помилуван.

Токму тоа е доведување во нерамноправна положба на граѓаните и повреда на човековите права, што е спротивно на уставот. Според Член 8  став 1 од Уставот на Република Македонија „темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се: - основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, а според Член 9 „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви„ Понатаму, според Член 9 став 3 и 4 „Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.„ Конечно според Член 84 од Уставот Претседателот на Република Македонија дава помилување во согласност со законот. Оваа одредба повеќе се однесува на укинатата одредба од Член 5-а од Законот за помилување, каде што порано требаше да се формира комисија што ќе му предлага на претседателот во кои случаи некој треба да биде помилуван. Тоа претставува мешање на законодавната во извршна власт.

Значи уставните судии си гласале по слободно уверување во согласност со уставот. Претседателот веќе се изјасни дека не му паѓа на памет да помилува насилници и педофили. Сепак, да споменеме тука и една состојба која што не може да се исправи на никаков начин. На пример, ако биде поднесено обвинение без никакви докази, а за осомничените се бара притвор (како што беше со случајот „Титаник„) и тие поминат во притвор по една година, а потоа се донесе Решение дека нема основи за гонење или по спроведената постапка се донесе ослободителна постапка, тогаш не постои начин како ќе се исправи оваа грешка. Не значи дека тоа ќе биде применето, но зошто да не постои таква можност во законот.

ПРЕС24: ДИК е во процес на проверка на избирачкиот список. Кои се Вашите проценки, што ќе излезе на крај?

ДАШТЕВСКИ: Моите проценки според она што се случува на терен е дека конечно се прочисти списокот според методологијата која ја утврдија четирите најголеми партии заедно. Почнаа и теренските проверки за 89 000 гласачи, со што се потврди дека нема непостоечки или таканаречени„фантомски„ гласачи и дека ќе бидат исполнети сите услови за фер слободни и демократски избори на 5 Јуни.

Што се однесува до медиумите, во договорот е нотирано дека треба да има поголема слобода на медиумите, што по мене е апсолвирано прашање. Всушност и кога беше во посета на Македонија Високиот претставник на Стејт Департментот Хојт Ји тој се сретна само со претставниците телевизиите кои имаат национална концесија. Веќе функционерите од сите партии гостуваат на сите телевизии, така што тоа не претставува пречка за спроведување на изборите.  

ПРЕС24: Дали ќе имаме избори на 5 јуни?

ДАШТЕВСКИ: Сметам дека избори на 5-ти Јуни мора да имаме. Граѓаните се изморени од политичката криза која беше вештачки создадена во државата. Сите постојано зборуваат за тоа наместо да си ги вршат своите работи. Од друга страна пролонгирањето на политичката криза може да создаде економска криза. Сите знаеме дека сегашната влада е создадена за спроведување на изборите, а не за водење на економска политика. За тоа е потребана стабилна влада, која ќе биде избрана од мнозинството на граѓани и ќе може да ја спроведува својата програма. Од друга страна, доколку повторно се бараат измислени причини за одлагање на изборите поради исклучително нискиот рејтинг, тоа ќе значи дека договорот од Пржино не може да се оствари и дека работите треба да се вратат во првобитна положба, како пред преговорите. И така за 2014 година нема прислушкувани разговори и нема никаков приговор од страна на опозицијата. Секако не треба да ја заборавиме ни безбедносната криза која ни се заканува, поради бегалците на јужната граница, а сега веќе и на северната.

Сметам дека воените конфликти нема да се смират толку брзо. Сега слушаме дека се можни терористички напади и во Скопје и Приштина, за сето тоа е потребна стабилна влада избрана од мнозинство на граѓаните.