Со какви ли очи Израел и нивните официјални државни органи и институции гледаат на Македонија? Што си велат? По скандалите со лидерот на опозицијата, што ли си разговараат за Македонија и што ли пишуваат во официјалните документи и анализи? Kолку ли не можат да разберат како е можно вакво однесување да видат од држава која се наоѓа на европскиот континент?

Да викнеш некого да ти биде гостин на куртоазна средба, а тој да излаже дека со тебе имал разговори за што било и за која било тема, очигледно прв пат им се случува на официјалните органи на Израел. Беа затечени со инвентивноста на нашата опозиција и нејзиниот лидер. Не можеа да замислат дека некој вака би се поигрувал со Израел, со нејзин министер за внатрешни работи и со нејзина служба за државна безбедност.

Замислите колку биле збунети Израелците кога по средбата со министерот за внатрешни работи, нашиот лидер на опозицијата, Зоран Заев, во хотелската соба даде интервју, а потоа и неколку изјави дека на разговорот зборувале за прашања кои внатре воопшто не биле спомнати. Седеле и се чуделе зошто таква работа сигурно никогаш досега не им се случила. Заев си даде изјави дека зборувал за прашања за кој тој сакал да зборува, ама според официјалното соопштение од државата Израел, такво нешто не се случило. Официјален Израел мораше да демантира, нешто што не е воопшто пракса во дипломатските односи. За да се реши некој орган официјално да демантира вакви информации, треба да се поминати сите граници и треба да немаат друг избор на укажувања или дистанцирања преку дипломатски канали.

Понатаму, да се решиш да тврдиш дека си имал средба со некое официјално лице од тајна служба на држава како Израел, а да си немал таква средба и да ја доведеш повторно, вторпат во два дена државата Израел во ситуација официјално да те демантира, тогаш треба да си навистина случајно залетан во политиката. Во два дена државата Израел те демантира двапати и ти се правиш како да не си од оваа планета. Ало, Израел те демантира. Kомедија во трагедија.

Ваква ситуација да се случи во нормален секојдневен живот помеѓу неколку другари и пријатели би било скандал, а не, пак, во односи помеѓу држави. Замислете еден другар да му кажува на друг другар за разговор со трет другар кој воопшто не постоел. Овој замислениов би бил ставен под постојана присмотра на цело друштво и тоа сигурно за него би се измислила категорија под наслов ризичен, непредвидлив, нестабилен и наивен лажго. Сите другари ќе го слушаат, некогаш и ќе му помогнат да заглибува повеќе, да заглавува, ќе се забавуваат со него, но никој другар нема никогаш повеќе да го гледа сериозно и да му верува. Kога ќе им е за зафрканција, ќе го дружат, ама кога ќе им треба сериозност, нема да биде со нив. Таков е животот и такви се човековите правила.

СДСМ и неговото раководство може да лажат во Македонија, може да ги лажат сопствените членови, новинарите, може да ги лажат граѓаните, впрочем тоа го прават во континуитет, но лажењето на меѓународната сцена е надвор од здравиот разум и е нешто што и најголемите критизери на СДСМ не можеа да си го замислат дека би се случило. Ова раководство на СДСМ се однесува како задолжен покераш кој изгубил с` и оди подлабоко и подлабоко, надевајќи се на чудо дека токму следната карта ќе го извади од многуте долгови. Но, чуда не постојат.

Оваа партија, наместо да собере доблест и да се извини за непријатниот дипломатски скандал во кој ги доведе двете држави, продолжи директно, но и преку своите медиуми, да си ја гради лагата која со официјален допис им ја демантира државата Израел. СДСМ покажа дека не се грижи за Македонија и нејзиниот меѓународен углед, не се грижи ниту за односите со пријателска и значајна држава како Израел, не се грижи ниту за својот углед на меѓународната сцена, единствено што ги интересира е со нова лага и манипулација да приберат некое поенче за себе на домашен терен. Ништо друго не ги интересира, освен власт за себе, но уште полошо во таа битка СДСМ покажаа дека нема граница, не знае што е доста и не знае што се стандарди.

По овој скандал прашање е колку други странски официјални лица и дипломати би сакале да имаат средба со mнекој што може да ги доведе во ризична и опасна ситуација. Kолку од нив уште пред да имаат средба со лидерот на опозицијата ќе добијат предупредување од своите органи и институции за ризикот кој го има средбата со лице кое претходно излажало за таков тип на средби. Во дневната агенда ќе имаат извичник и нотификација „Опасно“.

СДСМ продолжува да ја нарушува меѓународната позиција, но и угледот на нашата држава. Со деструктивниот начин на однесување како опозиција даваат аргументи на Грција за да може полесно да н` блокира, го отежнуваат нашиот влез во ЕУ и НАТО и го загрозуваат угледот пред потенцијалните странски инвеститори. Очигледно е дека СДСМ не се грижи за тоа, но на граѓаните им е и тоа како грижа за својата држава и затоа ќе знаат како треба да постапат во април.

 

Илија Димовски