Во Загреб, на состанокот на фудбалските федерации на земјите од регионот, беа договорени најважните детали околу формирањето на новата, Балканска фудбалска лига.

Освен челниците на федерациите од екс-ју просторите, пристутни беа и претставници на Фудбалската федерација на Унгарија. Утрово, челниците на седумте федерации постигнаа договор за старт на овој нов вид на фудбалско натпреварување. Сепак, долгоочекуваниот сон на љубителите на фудбалот ќе биде реализиран само во младинска категорија. 

„Фудбалската федерација на Хрватска ги нагости угледните претставници на Фудбалските федерации на БиХ, Црна Гора, Унгарија, Македонија, Словенија и Србија. За време на конструктивниот состанок се разговараше околу формирањето на една заедничка лига, која ќе има развојно влијание и која ќе ги акумулира меѓународните искуства на фудбалерите и фудбалерките од помладите категории“ стои во официјалното соопштение на Фудбалската федерација на Хрватска.

На состанокот беа потврдени клучните детали во врска со стартот на натпреварувањето, а конечната дата на првиот натпревар, дополнително ќе биде договорена на состанокот кој ќе биде организиран кон почетокот на наредната година. Федерациите кои стојат зад организирањето на лигата, веќе имаат одобрение од Европската куќа на фудбалот. 

По примерот на веќе постоечките регионални натпреварувања во кошарка, ракомет и ватерполо, се очекува голема посетеност и атрактивност на лигата. Истата претставува подготовка на теренот, за реализирање на ист ваков проект, но во сениорска конкуренција.