Европската комисија очекува посилна од претходно очекуваната рецесија во Грција во 2012 година со пад на економската активност од 4,4 проценти во однос на предвидените на есен, покажуваат најновите денеска објавени прогнози на Европската комисија.

Тоа значи дека 2012 година ќе биде петта година по ред на рецесија во земјата, на која неодамна и беше одобрен нов голем спасувачки пакет помош во висина од 137 милијарди евра.

Минатата година грчкиот бруто домашен производ (БДП) се намали за 6,8 проценти, наведува Комисијата.

Во прогнозите на ЕК се наведува дека довербата на потрошувачите и бизнис секторот останува „многу слаба“.

Оваа година Грција ќе биде погодена од забавување на надворешната побарувачка и ново намалување на внатрешната побарувачка, најмногу поради реформите на пазарот на труд, придружени со намалување на платите во држваниот и приватниот сектор, се наведува во соопштението на Комисијата.

Грчката влада прифати намалување на минималните плати и пензии во замена за планот за меѓународна помош, со цел да избегне банкрот на земјата во март оваа година.