Финалниот текст на резолуцијата, по амандманските промени на Комисијата за надворешни работи на ЕП, наместо на првичните десет сега има петнаесет страници, односно додадени се 24 нови точки.

Европскиот парламент утре се очекува да го повтори повикот до Советот на ЕУ, за да утврди во најкраток рок датум за почеток на преговорите за прием на Македонија. Се подвлекува и важноста на поддршката на напорите на земјата во  процесот на европската интеграција.

Во резолуцијата на Ховит се искажува жалење поради изоставувањето на терминот „македонски“ во извештаите Европската комисија за напредокот од 2009 па наваму. Но, сепак, овај термин во резолуцијата е искористен само еднаш, кога се зборува за неговото изоставување.

Европарламентот смета дека билатералните проблеми не треба да бидат користени ниту за спречување на процесот за членство, ниту како пречка за напредок во него.

Во новиот текст се повикуваат властите и медиумите да работат на создавање позитивна атмосфера, која ќе помогне во развивање на добрососедските односи и обесхрабрување говорот на омраза. На инсистирање на грчките и бугарските европратеници вметнати се нивните забалешки дека постојат тенденции земјата да го промовира својот сопствен етнички и културен идентитет на сметка на соседните земји, како и барањето за заедничко изучување на историјата, што иницијално не стоеше во првата верзија на текстот на Ховит.

Во новиот текст е појасен повикот за вклучување на ЕУ во олеснувањето на изнаоѓањето решение за спорот со името, кој се посочува како главна пречка за напредокот во евроинтегративните процеси на земјата. Јасно е нагласено и барањето да се работи според моделот како што се решава спорот меѓу Словенија и Хрватска.

Во дискусијата која ќе се води во среда меѓу европратениците и претставниците на ЕК и  на Советот на ЕУ, најверојатно ќе бидат ставени во прв план измените на текстот, како и најновиот развој на настаните во Македонија по бројните инциденти меѓу младите.

Текстот на резолуцијата за Македонија се уште може да претрпи измени со нови амандмани, но тие нема да променат ништо битно бидејќи сегашната верзија е компромисно решение меѓу најголемите политички групи во Европскиот парламент.

The content of this field is kept private and will not be shown publicly.