Новата 2017 година ќе биде година на нови политички почетоци во Европа и во светот. Вистинска патриотска пролет ќе го разубави отапеното и дегутантно политичко сивило кое полека, но сигурно светот го испраќа во историјата. 2017 година ќе биде почеток на нова позитивна политичка ера во светот, година на нови економски трендови и текови, нова размена на идеи, иновации, креативна енергија. Година во која сето она што до вчера се сметаше за невозможно, ќе стане можно. На повидок се нови светски коалиции кои за среќа на човештвото нема да имаат моќна опозиција во смртниот либерализам.

 

Квази-либералниот поредок кој успеја да го задуши светот веќе нема ниту сила, ниту растечки капацитети да се спротивстави на надоаѓачкиот нов политички бран кој уште во првите месеци од 2017 година ќе му го зададе последниот удар. Ниту Европа, ниту светот веќе нема да ја пропуштат оваа нова шанса, да ги испратат по ѓаволите силите што повеќе од 60-на години ни се продаваа во лажни амбалажи и со лажни вкусови.  Штетите на фалшивиот либерализам и лажната демократија ќе започнат да се санираат токму во 2017 година кога светот ќе ја прослави новата ера на доминантност на силните патриотски граѓански чувства кои со децении беа маргинализирани од разно-разни квази вредности. Ерата на центризмот, и на централистички поставените бирократски структури ќе заврши, иако се уште ќе ги доживуваме нивните афтершокови. Со тек на времето и тие ќе отапат.

 

Она што е најважно е што граѓаните во светот, силно и одважно, ги повикаа новите политички промени како последен крик за спас на човековата цивилизација од лажните либерално-демократски вредности и принципи. Граѓаните во Европа се повеќе стануваат свесни дека алтернативната десница, и конзервативизмот имаат растечки капацитет и моќ кои можат да им ги донесат посакуваните промени. Постојниот квази-либерален, клиентелистички поредок кој се митареше повеќе од 60-на години пред сите нас е на смртна постела. Чека уште само неколку месеци за целосно да испушти душа и да остави простор и енергија за новиот, похуман, и подостоинствен поредок кој, пред се, е патриотски и национален, изграден врз силата на националните држави и енергијата на патриотски настроените граѓани.

 

Веќе е сосема сигурно дека глобализмот и меѓународната заедница ја губат битката со позитивниот национализам и со здравиот граѓански патриотизам. Нациите се погласно и поотворено почнуваат да трагаат по своите национални интереси и потреби кои до сега беа изгубени во супранационалните и меѓународни лавиринти.

 

Во 2017 година меѓународните организации, како што се, ЕУ, ООН, Светската банка и НАТО ќе почнат да го губат своето некогаш доминантно значење во креирањето на меѓународната политика, и ќе бидат соочени со голема егзистенцијална криза која можеби ќе им ги отвори вратите на неповратот. Овие промени кои многумина шизофрени либерали ги нарекуваат апокалиптични, или „крај на светот“, се всушност многу едноставни и природни промени, промени кои доаѓаат како резултат на презаситеноста на луѓето од лагите и лажните вредности на еден вештачки наметнат политички поредок. Промените треба да го вратат природниот поредок кој доминираше во светот пред да настапи ерата на глобализацијата.

 Растечката моќ на Путин, и на Трамп се двата најважни процеса кои ќе ја забрзаат потребата од враќањето на тој природен и ненаметнат, иманентен поредок на секоја нација. Поредок кој се враќа како реакција на човековата заситеност од непродуктивниот и дегенериран систем на некаква „светска влада“ која повеќе децении го тормози светот по различни основи. Растот на анти-системските партии во Европа јасно го демонстрираат овој нов тренд. Нивното засилување на политичката сцена е резултат на се поголемата одбивност што граѓаните ја чувствуваат кон постојните политики на „либералните“ и „демократските“ политички елити во Европа кои наместо да работат во корист на своите граѓани, се оттуѓија од нив, се трансформираа во диво месо од кое граѓаните немаат никаква полза.

 

Новата 2017 година ќе биде година на дефинитивен политички пресврт во Европа. Ќе се случат избори кои најверојатно ќе го променат лицето на цела Европа и пошироко. Од Германија, преку Франција, Чешка, Холандија, Шведска, Финска и Италија, партиите желни за воспоставување нови вредности во системите ќе го фатат новиот моментуум за промена на физиономијата на политиката и политичките вредности.

 

Иако промените во европските системи започнаа уште во 2016 година, преку Брегзит, шокантниот референдум во Италија кој го предизвика премиерот Ренци на оставка, до силната поддршка што ја добива Марине Ле Пен во Франција, бранот на промени сепак најсилно ќе биде почувствуван во годината што е пред нас. И стравот од големите национални промени меѓу „либералните елитисти“ ќе ескалира токму во 2017 година. Предвесник на таквиот шизофрен страв е Фредрик Веслоу од Европскиот совет за надворешни работи за кого „Новата замислена оска меѓу Трамповата Америка, Путиновата Русија и европските популисти е најтоксичната мешавина која ќе го уништи либералниот поредок во Европа“. Ќе следат уште многу вакви напади на лудило.  

 

Паничниот страв што ги обзема „старите либерални и демократски елитисти“ е повеќе од очигледен. Политичката, но и интелектуалната хистерија против растечката моќ на новите политички партии кои во Европа најавуваат „смрт“ на квази-либералниот поредок кој не води сметка за ничии освен за лукративните интереси на оние кои го создале, е повеќе од евидентна. Таа хистерија е присутна како во европските институции, така и во академските средини. Хистерија која покажува отворено гадење кон кампањата што ја водат Трамп и Путин, како и нескриена омраза кон политичарите кои ја носат новата „Патриотска пролет“ во Европа.

Шест изборни циклуса во 2017 ќе ја одлучат силата на таа нова „Патриотска пролет“. Прво, тоа е растечката популарност на Марине Ле Пен, лидерот на Францускиот Национален фронт. Се очекува на изборите што ќе бидат организирани во мај оваа година, Ле Пен силно да пропагира извлекување на Франција надвор од ЕУ и од НАТО. Ако се суди по нејзините изјави, таа, годината што е пред нас, ја опиша како „година на глобалната револуција“ која треба да се гледа надоврзана со 2016 -та кога се случија изборите во САД и победата на Брегзит. Ле Пен во неколку наврати до сега има кажано дека НАТО е најголемата причина за политичкиот хаос што му се случува на светот. Треба да им се стави крај на НАТО босовите кои „се подготвуваат за најлошото“ поради стравот дека Путин ќе ја заземе Источна Европа, а Трамп ќе му ја даде целата американска поддршка за таквата акција, вели Ле Пен. И Франсис Филон, се поизвесниот противкандидат на Марине Ле Пен за во вториот круг претседателски избори во Франција, е исто така десен Републиканец кој може да се надева на победа на претстојните избори во оваа земја. Неговата споредба со Роналд Реган и со  Маргарет Тачер на економски план од страна на француските аналитичари му дава одредена предност пред Ле Пен. Но, сепак, цврстиот став на Ле Пен кон миграцијата и Исламот, како и ветувањата за поголема заштита на францускиот национален идентитет и даваат поголеми шанси на изборите пред Филон.           

 

Интересни ќе бидат и изборите што ќе се одржат во март оваа година во Холандија каде токму лидерот на анти-исламистичката и анти-мигрантската Партија на слободата, г-динот Герт Вилдерс, се смета за можен парламентарен победник. Лидерот Герт ќе остане запаметен по преземањето на слоганот на Трамп „Да ја направиме Холандија повторно голема“, по твитот со сликата на Ангела Меркел чии што раце беа облеани во крв веднаш по Берлинскиот напад на Божиќниот базар, но и по споделувањето на пораката „Тие не мразат и не убиваат. И никој не не заштитува од нив“. Вилдерс се смета и за родоначалник на фразата „Европска патриотска пролет“.

 

Фрауке Петру е германска политичарка која се смета за најжешка конкурентка на германската канцеларка Ангела Меркел на парламентарните избори во оваа земја во 2017 година. Иако партијата на Петру „Алтернатива за Германија“ нема пратеници во постојниот состав на Бундестагот, сепак прифаќањето на нејзината партија од страна на германските граѓани е резултат на растечкото незадоволство од политиките што ги спроведува Меркел, а во полза на отворените врати за мигрантите. Во нејзиниот прв изборен манифест Петру објави дека „Исламот не е дел од Германија“, и повика ако е потребно да се употреби и „оружје кога војниците ќе се справуваат со бегалците и со мигрантите“. Иако е јасно дека Петру нема да може да ја победи Меркел оваа година, таа сепак ќе може опасно да и се приближи и да влијае врз носењето на нејзините клучни политики и мерки. Се поевидентно е дека оваа година Меркел ќе биде „последниот бранител“ на либералната демократија и на глобализацијата во Европа не само во нејзината Германија, туку и пошироко.

И лидерот на новата италијанска партија, Бепе Грило се поизвесно добива големи симпатии меѓу италијанските гласачи посебно откако актуелниот премиер Ренци поднесе оставка. Грило ќе остане запаметен по изјавата дека „политичките аматери го освојуваат светот“ и дека победата на Трамп е „најзначајната точка на политичкото свртување во светот“. Неговата партија е во надоаѓање во Италија. Тоа го докажа со освојување на две важни градоначалнички позиции во Турин и во Рим.

И во Чешка во 2017 година ќе се организираат нови избори, додека во Шведска изборите ќе бидат организирани на почетокот од 2018 година. Она што е заедничко за двете земји е што најверојатни политички победници ќе бидат партиските лидери кои покажаа отворена поддршка за Трамп, но и за политиките на Путин. Андреј Бабис, вториот најбогат човек во Чешка, очекува победа на претстојните парламентарни избори. Тој е познат по тоа што се прокламира како политичар што има тесни врски со Путин. Во Шведска, пак, антиимигрантската партија Шведски демократи на Џејми Акесон се повеќе добива на популарност и легитимитет поради кампањата што ја започна уште во 2016 година против членството на Шведска во ЕУ, и поради кампањата во која им советува на мигрантите да не доаѓаат во Шведска.

Со официјалното преземање на должноста на Доналд Трамп за претседател на САД на 20. јануари, и со „силниот“ Брегзит на Тереза Меј, започнува новата политичка ера позната како „ренационализација“ на политиката. Со оваа нова ера ќе се затвори вратата на старото светско поглавје познато како глобализација и меѓународна соработка, дефинирано по Втората светска војна како нов светски поредок.

И судбината на ЕУ ќе зависи од изборите што ќе се случат во Франција и во Германија оваа година. Двете држави кои се сметаат за столбови на Унијата очекуваат десно-ориентираните партии да бидат изборни победници. Франција се поизвесно е дека целосно се врти кон себе, оставајќи ја Германија да ја води ЕУ, задача што се потешко ќе биде остварлива по дефинитивното Британско излегување од Унијата. Будењето на здравиот граѓански патриотизам започна. Тој ќе донесе многу предизвици, но и нов живот кај европските граѓани. Тие повторно ќе се почувствуваат величенствено големи што е примарната цел на здравата демократија. Вистинската граѓанска демократија ќе ја победи лажната елитистичка демократија. Во новата политичка ера вредност ќе биде да си полнокрвен граѓанин, а не обична хипнотизирана толпа која се буди или заспива на притиснато копче. Секако, копче стиснато од далечина согласно интересите на бирократската машинерија на распашаната трула европска елита...