Со скок од две позиции Македонија се најде на високото 35 место од 139 земји во светот најпогодни за водење бизнис, на ранг листата која секоја година ја составува американскиот магазин за финансии Форбс.

Македонија е најдобро рангирана во категориите бирократија и даночни олеснувања каде е на високите 4 и на 9 место.

Во категорија слободна трговија земјата е рангирана на 41 место, по монетарна слобода на 25 место, за имотни права на 65 место, за иновации на 51 место, во категоријата технологија на 61 место, според ниво на корупција на 64 место, додека според критериумот за заштита на инвеститори оваа година земјата е рангирана на високото 13 место.

-Од својата независност, Македонија постигна напредок во либерализацијата на економијата и подобрување на бизнис климата, но заостанува во балканскиот регион во привлекување на странски инвестиции. Земјата одржува макроекономската стабилност и наспроти глобалната финансиска криза со спроведување прудентна монетарна политика, која ја одржува стабилна домашната валута, се вели во образложението на Форбс.

На прво место на листата на Форбс оваа година се наоѓа Шведска како најдобра земја во светот за водење бизис. Првите пет места ги дополнуваат Нов Зеланд, кој лани беше на првата позиција, потоа следат Хонг Конг, Ирска и Велика Британија.

Од земјите во регионот Словенија е рангирана на високото 20. место, Бугарија на 38. место, Хрватска на 46. место, додека Грција е на 47. место, Црна Гора е рангирана на 50. позиција на оваа, а Албанија и Србија се на 60 и 69 место.

Форбс оваа листа ја состави врз основа на извештаите на ЦИА, Фридом Хаус, Херитиџ фаундејшн, Проперти рајтс алајанс, Транспаренси интернешнл, Светска банка и Светскиот економски форум.

Освен на рангирањето на Форбс, Македонија се најде и на 85 место меѓу 180 земји во светот според глобалниот индекс на одржлива конкурентност за 2016 година, што го објави Истражувачкиот институт Sol Ability. Индексот ги споредува земјите во светот според нивото на развој и отпорноста на економијата.

Рангираните земји се поделени во четири групи, а Македонија е во втората четвртина, пред Црна Гора и Турција. Тоа место го добива со освоени 43,2 поена од вкупно 100.

Студијата составува листа на земји кои имаат најдобри алатки за стимулирање на економскиот раст во иднина. Рејтингот се заснова на моделот на конкурентност, кој ги вклучува сите столбови на одржливиот раст.

На врвот и на оваа табела се наоѓа Шведска, а веднаш зад неа се Норвешка, Финска, Данска и Исланд.