Пет лица загинаа, а четири се исчезнати во поплавите во градовите во близина на Атина кои ги предизвикаа поројните дождови што ја зафатија областа изминатата ноќ.

Поради поплавите затворени се и повеќе училишта, а многу луѓе се заглавени во своите домови и автомобили.

Патиштата во Неа Перамос, кој се наоѓа на 27 километри западно од Атина, се претворени во реки од кал, а во исто време градоначалникот Григорис Стамулис за телевизијата Антена изјави дека „практично целиот град е поплавен“.

Тој додаде дека во тек се спасувачки операции за извлекување на луѓе кои се залавени во нивните автомобили и домови, додавајќи дека верува оти никој не е во животно загрозувачка опасност.

Во блискиот град Мандра една жена е пронајдена мртва во нејзиниот дом, а во друга улица постар маж исто така е пронајден мртов во неговиот поплавен дом, соопшти противпожарната бригада.

Во меѓувреме се спасени 12 луѓе од автобус кој бил заглавен на мост.

Грчките телевизии емитуваат снимки од луѓе кои од поплавата избегале на балконите и крововите од своите домови, додека властите добиле 160 повици за помош.

Грција вчера прогласи вонредна состојба на островот Сими кој беше зафатен од бура поради која беше прекината струјата и водата, многу домови беа поплавени, и голем број возила завршија во морето.