Ресторанот „Рагуза“ е прогласен за најубаво украсен угостителски објект, а СУГС „Никола Карев“ има најубаво украсен двор од средните училишта. Денчо Јосимов има најубаво украсен двор од индивидуална станбена куќа, а Богоја Китанчев има најубаво украсена тераса. Тие беа избрани во рамки на манифестацијата „Новогодишните бои на Скопје 2016“. 

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, кој денеска им ги врачи признанијата на годинашните добитници, истакна дека преку оваа манифестација сакаат да ги поттикнат училиштата и граѓаните подобро да ги украсат објектите. 

На најдобрите во натпреварот со украсување Трајановски им врачи парични награди во вредност од 10.000 денари, а на традиционалните спонзори на манифестацијата „Новогодишни бои на Скопје“ ЕВН-Македонија благодарница за соработката. 

ЕВН-Македонија на добитниците на наградите ќе им ја платат декемвриската сметка за потрошена електрична енергија.

Директорката на СУГС „Никола Карев“ Елизабета Марковска Ставревска истакна дека редовно учествуваат на оваа манифестација и оти првпат ја добиваат наградата. 

Таа нагласи дека училишниот двор го украсува поголема група на ученици, можеби 20-тина, заедно со професорите.

- Да се украси еден училишен двор треба доста време, труд, но пред се желба за нашето училиште да изгледа убаво и новогодишно украсено, рече Марковска Ставревска. 

Сопственикот на „Рагуза“ Мирко Голомеиќ рече дека првпат учествуваат на манифестацијата и се задоволни од освоената награда. 

За прогласувањето на победниците решаваше комисија составена од новинари од повеќе медиуми.