Ако некому досега не му било јасно со каква банда имаме работа, по обидот да се создаде паника кај граѓаните во поглед на курсот на денарот, и на кризата да i се додаде нов фронт, сe би требало да биде очигледно. Зашто не се работи само за курсот на денарот, кој лесно може да се одбрани, туку станува збор за обид да се натера Народната банка да примени такви мерки со кои ќе се забави економскиот раст на државата. Ако хистеријата на повлекување девизи од банките и купување евра од менувачниците заземеше посериозни размери, НБМ ќе мораше да преземе рестриктивни мерки за намалување на потрошувачката и за намалување на кредитирањето, а тоа, на крајот на годината, секако, ќе резултира со помал пораст на БДП. Така, сите ќе бидеме посиромашни, но токму тоа е и целта на бандата. Што полошо, тоа поголемо незадоволство кај народот, тоа поширок терен за разно-разни револуции. Патем, веројатно сте заборавиле, но ако беше според истата банда, веќе неколку години ние плаќаме по 75 денари за едно евро.

Во четвртиот квартал од 2015 година Македонија имаше пораст на БДП од 3,9 отсто. Трите месеци пред тоа, имавме пораст на БДП од 3,6 отсто. Само пет земји во ЕУ имаат подобар пораст во третиот квартал од нашиот: Чешка, Ирска, Малта, Словачка и Луксембург, а според досега објавените податоци за 20 од 28-те земји членки на ЕУ за четвртиот квартал, само Словачка има за 0,1 отсто поголем пораст од нашиот во истиот период. Се разбира, ниту една од овие земји не минува низ криза како Македонија. Така што, кога и кај нас политичката ситуација би била нормална (да не зборуваме за тоа што ќе беше ако не беше блокадата од Грција за ЕУ, што сега се покрива со внатрешните проблеми), додајте уште малку плус на овие 3,9 отсто, и ќе добиете бројка што сe уште ќе биде далеку од 6 отсто на Ирска, но во секој случај, ќе биде меѓу првите три во ЕУ. Дали треба да објаснуваме дека тоа се стотици милиони евра? И дали сега ви е јасно што се обидува да стори бандата?

Оваа идеја, овој обид, паралелно со обидот (кој засега исто така е неуспешен, но доаѓа мај, кој е најпогоден за тоа) да се извадат средношколците како жив штит пред оние што ќе ја напаѓаат полицијата, се доволен показател за тоа дека на змијата конечно треба да и се згази на вратот. Оти од вакви игранки доста ни е!

Дента кога хохштаплерите од т.н. „Фридом хаус’ објавија дека сме биле на некое срамно место по степенот на слобода на медиуми, некаков си самонаречен Синдикат на новинари излезе со осуда на еден од последните текстови на Мирка Велиновска во „Дневник“. И сега, мери им го умот кој очигледно им е изваден и заменет со пивтија. Дваесет и пет години по напуштањето на комунизмот, ние се уште имаме „осуда“ на некојси текст. Се уште имаме некаков си приврзок на горе споменатата банда, кој се занимава со диференцијации. Поддржано, разбира се, од УСАИД и Сорос. Што ќе рече, поддржано од нашиот стратешки партнер во кој се колнеме. Но, не е до партнерот. Kако што не е ни до УСАИД и Сорос. Тие, вклучувајќи го и оној ЦИА-шот што не работи и за кој пишуваше Мирка Велиновска, а кој да ти бил директор во УСАИД за Балканот, само си ја вршат својата гнасна работа. За што им се потребни домашни теренци. А, ова веројатно с` уште е далеку од финалето во градењето на нивниот лик и дело.

Година и пол живееме во кризниот филм на СДСМ и Зоран Заев, како дел од играчите на теренот што одработуваат за странците. Две години поминаа од минатите избори по кои Стево Пендаровски кажа дека имаат докази за 150 илјади украдени гласа. Две години ги чекаме доказите за кражбата. Или тоа се заборави? Не е битно што тогаш беше кажано? Навистина, врз основа на кои докази може да се заклучи дека минатите избори биле „некредибилни“? И којзнае којпат да го повториме прашањето: Што стана со 500-те илјади фантоми?

И уште нешто: ако ВМРО-ДПМНЕ со помош на фантомите чие откривање уште го чекаме, стигна до 500-те илјади гласа на минатите избори, каде се гласовите на СДСМ? Оти фантомите, нели, додавале гласови на контото на ВМРО-ДПМНЕ, ама не ги одземале, ниту можеле тоа да го сторат, тие на СДСМ. Па дилемата е – каде се тие гласови што желните за промена на режимот гласачи му ги дадоа на Заев? Kој ги избриша? Заев и компанијата стигнаа до 280 илјади. Ако реалната слика била поинаква, каде с` нивните гласови? Зашто, ако вие сакате да гласате за СДСМ, излегувате на гласање и го заокружувате социјалдемократскиот број и го пуштате ливчето во кутијата. Никој жив на оваа планета не може да знае, па макар работеле во кабинетот на Груевски, чие бројче сте го заокружиле. Значи (да ја цитирам Kатица Јанева), каде се гласовите на СДСМ?

Германскиот министер Штајнмаер ја предупредил Македонија дека си го блокирала својот европски пат. Многу ме интересира: видел ли човекот во документите кој го блокирал членството во НАТО и отворањето на поглавјата за преговорите во членство во ЕУ? С` до моментот кога Венизелос, како министер за надворешни работи на Грција, не ја обнароди новата стратегија на Атина според која ФИРОМ не може да биде членка во ЕУ, не затоа што Грција ја блокира, туку затоа што не ги исполнува стандардите. Kои дотогаш ги исполнуваше. И с` додека Германија не влезе во „војна“ за останување на Грција во еврозоната. По секоја цена. Тогаш, ако не се лажеме, тргна с`. Така што, за некои луѓе подобро е кога молчат. Оти, не секому му личи да кажува се и сешто.

Дарко ЈАНЕВСКИ