Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас денеска ја започнува мини балканската турнеја, а во четврток, 12 април, во Охрид ќе се сретне со неговиот македонски колега Никола Димитров.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, патувањето на Коѕијас, засега, официјално не е соопштено од грчкото МНР, но според информациите во медиумите, министерот за надворешни работи на Грција, утре ќе има средби во Белград, во четврток во Охрид, а потоа во Приштина, по што ќе се врати во Атина. 

Грчките медиуми коментираат дека најкритичната средба од сите, е онаа со Димитров во Охрид. Токму затоа, новинарите во Грција, во извештаите, акцентот го ставаат на новата, трета по ред средба за 20 дена на шефовите на македонската и грчката дипломатија.

Грчките медиуми коментираат дека разликите се исти и непроменети, се однесуваат на ревизија на Уставот, на ерга омнес, односно опсегот на употреба на новото име, на јазикот и идентитетот, но додаваат дека и понатаму постои заемна волја од двете страни за постигнување решение.

Во синоќешните централни изданија на грчките телевизии, новинарите ги пренесоа ставовите на премиерот Заев во интервјуто за МИА, како и изјавата на Коѕијас за германски Шпигел.

„Критични денови за скопското прашање со многу отворени фронтови“ е насловот на прилогот на грчката телевизија Скај, а новинарот ги коментира точките за кои постои поклопување на ставовите и точките за кои остануваат разликите.

- На средбата во Охрид двајцата министри за надворешни работи одново ќе разговараат за отворените прашања во преговорите со цел да се доближат до решение. Досега, факт е дека двете страни имаат стигнато до сложено име што го содржи терминот Македонија со географска одредница. Но, остануваат прашањата за кои треба да се преговара како што е промената на Уставот на ПЈРМ, нешто што го бара Атина, употребата на името да биде ерга омнес, односно новото име да се користи како надвор, така и во внатре во земјата, но и прашањата како што се јазикот и идентитетот, што за соседната земја и понатаму се црвена линија, објави Скај.

Телевизијата со коментар дека доколку не се постигне договор до критичните датуми 28-29 јуни кога е самитот на ЕУ и 11-12 јули кога ќе се одржи НАТО самитот, двете страни веќе разгледуваат алтернативен план за меѓународен договор што Македонија ќе ја поврзе со НАТО, но без да има статус на полноправен член.

- На новите разговори на маса ќе се најдат името, ревизијата на Уставот и патоказ за евроатлантската перспектива на поранешната југословенска Република Македонија, објави грчката телевизија Алфа.

Телевизијата Антена, коментира дека Коѕијас и Димитров ќе одржат нова средба со се уште постоечките разлики, но со заемна волја да видат во пракса, дали преговорите може да добијат нова динамика.

- Атина инсистира на ерга омнес и уставна ревизија, а скопјаните јазикот и националноста се црвени линии. Коѕијас изрази надеж дека средбата со Димитров ќе донесе голем чекор напред за решавање на скопското прашање, објави ТВ Антена.

Според информативниот портал 247, преговорите за името се продлабочени, за многу од точките на грчката страна е постигнат договор, но „сѐ уште постои разлика за големите прашања што се однесуваат на ерга омнес, на точната одредница во името и промената на Уставот“.