Македонската кошаркарска репрезентација доцна синоќа во Каракас загуби од Ангола со 88:84 во првиот натпревар од групата „Д“ во квалификациите за Олимписките игри.  

Претставникот од Африка одигра одлично прво полувреме со преку 70 проценти реализација за три поени и реализирани 9 тројки што за Ангола значеше 13 поени предност по првите две четвртини со дадени 53 поени. Македонските кошаркари не успеваа да ги запрат Анголците кои даваа кошеви и од многу тешки позиции.

Второто полувреме почна добро за нашите кошаркари кои со неколку врзани напади намалија на седум негатива, но Анголците повторно ја врати разликата од полувремето и на крајот на третиот период повторно имаа плус 13 (72:59).

Неколкуте украдени топки во последните минути, ја приближија Македонија на само два негатива, сепак, Ангола оствари неколку важни офанзивни скокови, ги погоди четирите слободни фрлања во последната минута и ја задржа предноста за конечна победа од 88:84.

Лестер Бо Мекејлеб беше најдобар стрелец во нашиот состав со 21 поен, а додаде и 5 асистенции. Перо Антиќ постигна 17 поени со 6 сококови, 2 украдени топки и 2 асистенции, а според бројот на поените, двоцифрени завршија и Владо Илевски, Војдан Стојановски и Предраг Самарџиски кои постигнаа по 12 поени.

Кај Ангола, Мингаш беше најефикасен со 24 поени, а еден помалку постигна Олимпио Циприано.

Вечерва од 20 часот Македонија го игра одлучивачкиот меч за пласман во четвртфиналето, противник е Нов Зеланд.

Image and video hosting by TinyPic