Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи 12. седница на чиј дневен ред се законите за минимална плата, за стечајците, за радиодифузната такса и Предлог одлуката за утврдување на бројот на потпретседателите на Парламентот. Се очекува на почетокот на денешното продолжение пратениците да гласаат за Законот за медицински студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина. Претресот по оваа точка заврши во петокот, но поради тоа што немаше доволен број пратеници, гласањето беше одложено за денеска.

На денешното продолжение треба да се разгледаат и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, по скратена постапка поднесен од пратениците од мнозинството, Предлог законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, по скратена постапка, исто така поднесен од мнозинството, Предлог законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка, поднесен од пратеници од мнозинството. На дневен ред се и Предлог законот за дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, Предлог законот за издавање вредносни бонови - ваучери, сите по скратена постапка, поднесени од пратеници од опозицијата.

Пред пратениците се и Предлог законот за ратификација на Спогодбата за соработка меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија и Предлог на закон за ратификација на Договорот од Париз.