Хрватскиот кошаркар од редовите на МЗТ Скопје Аеродром Јуре Лалиќ е најновиот играч во „болницата“ на шампионот, откако хрватскиот центар настрадал при еден дуел со Љубомир Младеновски.

Лалиќ се здобил со повреда на носот, а во текот на вчерашниот ден му бил извршен и хируршки зафат, по што сега ќе следи пауза од најмалку десет дена од кошаркарските терени.

Лалиќ одреден период не смее да тренира, што значи дека засега сигурно отпаѓа неговиот настап на следните два дуели од АБА-лигата, дома против Цедевита (2 јануари) и на гости кај Цибона (8 јануари).

Покрај Лалиќ, на првиот дуел во новата година против Цедевита нема да може да смета ниту на Даниел Кларк (листот на ногата), ниту на македонскиот репрезентативец Стојан Ѓуроски, кој сѐ уште се рехабилитира од повредата на препоните.

Добра вест во моментов е само враќањето на Марко Симоновски, кој поради болест го пропушти претходниот дуел против Партизан во Белград.