Оранжериите „Еко Оаза Самандов“ од Штип,  едни од најголемите производители на корнишони и други земјоделски производи, од денеска извезуваат и за Германија.

Раководителот на оранжериите Ристе Самандов вели дека за германскиот пазар денеска се траспортираат 20 тони краставички, а во тек е извозот и во Словенија и Хрватска.

- Оваа година имаме доста побарувачка на корнишон и на други производи покрај стандардните што ги имаме - крставица, долга и кратка, домат, бабура, ајварска пиперка. Корнишонот во есенскиот дел ни е водечка култура. Денеска се товара првиот камион за Германија, имаме и стандареден извоз неделно по два или три камиони во Словенија во зависност од бербите, а во вторник извезуваме ајварска пиперка и бабура за Русија, изјави Самандов.

Според него, македонските производители и оранжерии годинава имаат добри цени за произведените корнишони, а на пазарот се бара повеќе бидејќи производителите во Германија, Австрија и Србија трпат големи штети поради неповолните временски услови.

- Нашата компанија води сметка за квалитеното производство. Имаме строга контрола за да се запази каренцата и секогаш препаратите се на А листа. Лани и оваа година во делот на крставицата применивме интегрална заштита. Користиме и корисни инсекти. Потрошувачите можат да бидат сигурни во нашиот производ, истакна Самандов.

„Еко Оаза Самандон“ има 13 хектари есенски корнишони, а очекува производство на околу еден милион килограми.