Националниот координатор за НАТО на научната тркалезна маса „Алтернативи на и за НАТО: интеграција на Република Македонија, политичка реалност, идни решенија и можности“, која се одржа денеска на Факултетот за безбедност почоси дека Македонија нема доволно квалитетни алтернативи за членство во НАТО.

Според него, првата алтернатива е Македонија да прогласи воено-политичка неутралност, но тоа е, како што кажа, утопија во регионот во кој живееме и нешто што нема да има практичен ефект. 

- Втората алтернатива е влез во евроазиски асоцијации. Базирано на анализи тоа нема да има никаква додадена вредност за Македонија. Во тие сојузи не постојат услови за членство и не вршат евалуација на нивото на усогласеност на политиките, рече Пендаровски.

Посочи дека придобивките за Македонија од членството во НАТО се огромни -  заедничка заштита од кибер криминал, заедничка одбрана од разорниот ефект на т.н лажни вести. 

- Како полноправна членка на НАТО ние би разменувале информации со сите моќни земји- членки за опасностите од тероризмот поттикнат од верски побуди, рече Пендаровски. 

Во однос на прашањето за името, Пендаровски истакна дека ако сега не се реши ова прашање, алтернативата е да се продолжи со преговарите, се додека не се најде достоинствено решение.

- Најпогубно е да се повлечеме и да се затвориме дома. Ако не добиеме покана не е крај на светот. Битно е да продолжи преговорачкиот процес, додаде Пендаровски.

Истакна дека ЕУ и НАТО се школи за демократијата во посткомунистичките држави и додаде дека тие процеси се особено важни за Македонија, бидејќи до 1991 година во неа немало демократска традиција.

- Клучен супстрат на демократијата е културата на компромис која отсуствува во нашата демократија. Не постои консензус во стратешките области. Македонија треба да ја сочуваме само со ум и одговорност, никако со покажување сила и мускули одвнатре и однадвор, додаде националниот координарот за НАТО.

На дебатата учествуваше и словачкиот амбасадор во земјава Хенрик Маркуш, кој посочи дека членството во НАТО има голема поддршка во земјава, но сепак смета дека во моментов фокусот треба да се стави на ЕУ.

- Словачка го поддржува отворањето преговори со Македонија, без разлика дали е решен спорот со Грција околу името, порача словачкиот амбасадор во земјава Хенрик Маркуш.

Нагласи дека Македонија е земја со огромен потенцијал, која сега може да напредува повеќе од кога и да е. 

- Поддршката за членство во НАТО во земјата е огромна. Луѓето немаат дилема во однос на членството во НАТО. Македонија сега треба да се фокусира на многу поважната агенда, а тоа е членството во ЕУ, рече Маркуш.