Ракометарите на Металург ја постигнаа втората победа во ракометниот плеј оф откако вечерва како гости го совладаа Пелистер во Битола во дербито од второто коло. Металург победи со 31:27, а Пелистер имаше водство од 16:15 на полувремето. Најефикасен на дуелот беше Немања Обрадовиќ од Металург, кој постигна 10 голови, додека кај Пелистер најпрецизен беше Васко Димитровски со 8 голови.

Домаќинот Пелистер имаше водство во текот на првото полувреме, а Металург само во неколку наврати успеа да изедначи. Гостите првото водство го имаа во 45.минута кога поведоа со 22:21. Во последните десет минути Металург поведе и со четири разлика (29:25).

 
На вчера одиграниот дуел од оваа рунда Охрид го победи Борец со 34:31. Дуелот Работник Еурофарм – Вардар е одложен поради настапот на македонскиот првак Вардар на завршниот турнир од СЕХА лигата. Овој натпревар ќе се игра на 11.април (вторник).
 
Металург заедно со Охрид е на делба на првото место на табелата со 6 бодови.