Сениорската репрезентација во женска конкуренција денеска го одржа првиот официјален собир. На паркетот во малата сала при спортскиот центар „Јане Сандански“ владееше позитивна атмосфера, а самодовербата на високо ниво.

- Многу ми е драго што после три години повторно се собравме, јас нешто подолго се враќам во репрезентацијата. Мислам дека ова ќе биде почеток на една многу убава приказна. Повеќето од девојките се тука и мислам дека сите се расположени, што е многу важно. Очекувања не може да имаме, бидејќи не се познаваме толку добро, со неколку што сме играле порано, се знаеме надвор од теренот, затоа на почетокот ќе биде запознавање. Но, станува збор за добри играчи, дел играат надвор во странство, Гивенс игра Евролига, Тантуровска, Митрашиновиќ и сите останати и девојките од колеџ имаме квалитет. Турнирот не е мерило за нашиот квалитет, добро е за почеток да видиме каде стоиме. Јас кога играм кошарка, играм за победи, да освојувам, нешто што е инспирација за секој спортист, така и за мене, со добра сезона, самодовербата, ми е на високо ниво и сметам дека тоа ќе и помогне на оваа репрезентација, истакна Јелена Антиќ.

Со овој собир ќе започне официјалниот дел од подготовките на сениорките кои ќе учествуваат на меѓународниот пријателски турнир во организација на Македонската кошаркарска федерација на почетокот на  јуни, воедно и за новиот квалификациски циклус.

Меѓународниот турнир ќе се одигра од 2 до 4 јуни, а нашата селекција силите ќе ги одмери со Бугарија, Јапонија и  Босна и Херцеговина.