Тадиќ го поздрави договорот постигнат низ дијалог за Косово, по кој Приштина на регионалните форуми ќе биде претставена со додавката Резолуција 1244 на ОН, што значи дека Косово нема да биде присутно како независна држава.

- Косово нема да биде претставено во работата на регионалните форуми и институции како независна држава, туку согласно Резолуцијата 1244 на ОН и одлуката на Меѓународниот суд на правдата. Србија е членка на ОН, која ја почитува Резолуцијата 1244 која го гарантира суверенитот врз Косово, како и одлуката на Меѓународниот суд на правдата, која таков суверенитет не воспоставува, нагласи шефот на српската држава, потсетувајќи дека пет членки на ЕУ не ја признале независноста на Косово.

Тадиќ додаде дека Србија и понатаму ќе биде конструктивна и отворена за договор во дијалогот меѓу Белград и Приштина, со цел да се најдат компромисни решенија за проблемите кои се однесуваат на обичните луѓе и со кои се нормализира нивниот секојдневен живот, а кои секогаш ќе бидат согласно Уставот на Србија и интересите на нејзините граѓани.

- Со постигнатиот договор политиката „и Европа и Косово“ која ја водев и за која добив поддршка од српските граѓани го помина овој историски тест, со што е докажано дека овој пристап е единствено реален и дава резултати. Оваа политика и обезбедува европска иднина на Србија, ги чува нашите национални интереси, но и покажува дека Србија е фактор на стабилност во Југоисточна Европа, потенцира Тадиќ.

The content of this field is kept private and will not be shown publicly.