И млади и стари денеска доаѓаат кај кавадарчанката Нели Темкова,  за да им врзе мартинки, со што ја продолжуваат традицијата на овие простори. Вели дека најчесто самата ги изработува и им ги подарува на најблиските за среќа. Многумина уште изутрина ја побараа за да си ги добијат своите мартинки кои треба да им донесат убави моменти во иднина. 

- Едноставно ја почитувам традицијата која останала од нашите дедовци и баби, а им ја пренесуваме на нашите наследници. Некои од оние кои порано беа деца и им врзував мартинки сега станаа мајки, па и ним и на нивните деца им го разубавив и овој 1 март. Кога им ги врзувам мартинките, им пеам песна за баба Марта и им викам, ајде до година пак да се видиме, со здравје, вели Темкова за МИА.

За МИА открива дека самата таа мартинката ја носи до крајот на месецов, а така ги учи и другите. 

- Постарите велат дека кога некој ќе види ластовица или штрк, треба да ја стави мартинката под камен, тоа е ритуал за да се има пари во животот. Или кога ќе расцути првото дрво, да ја закачиш на него. Но со климатските услови се сменија работите кога е во прашање цутењето на дрвјата, коментира Темкова, која призна дека и самата облекува црвено на овој ден, за среќа. 

За денешниот ден, вообичаено и најмладите од градинката “Рада Поцева” од Кавадарци изработуваат мартинки.