Во предвечерието на предвремените парламентарни избори, Зоран Заев, еве веќе неколку месеци, упорно и тврдоглаво бара 500.000 фантоми гласачи низ Република Македонија. Очајнички сака да ги пронајде тие фантоми и да ги истера од Избирачкиот список на Република Македонија, но никако да ги најде. Ама, тој самиот си се охрабрува, дека кога тогаш ќе ги најде и затоа однапред вели дека денес во Република Македонија нема слободно изразена воља на граѓаните.

Во тој контекст вчера, сабота 19 март, 2016 година, буквално изјави: „Ќе гласам јас, ќе гласате вие, ама ништо од слободно изразена волја на изборите. Некој ќе тутне на едно место 200-300 илјади гласа и ете ти фантомски гласови. Нема слободни, фер и демократски избори“. Со оваа изјава Заев ретерира од 500 илјади, спорни т.е фантомски гласачи, ги намалува на 200-300 илјади, конкретно никако да ги посочи, ама, пак, не се откажува од нив. Нормално е веднаш да се запрашаме што е ова? Најпрвин, на памет ми паѓа или поточно воочувам дека Зоран Заев како лидер на СДСМ или на опозицијата, како што тој милува да каже, пати од модерни фобии и современи стравови. Првата фобија што се забележува кај него е кадофобијата. Најконкретно тоа е страв од неуспех (од латинскиот збор cadere – да не успееш). После сите хаотични, несредени и контрадикторни изјави на Заев, за тоа дали ќе има или не предвремени парламентарни избори, а особено во врска со наводните фантомски гласачи во Избирачкиот список на Република Македонија, не е тешко да се забележи дека Зоран Заев толку многу се плаши од неуспех на изборите така што самиот себе се убедува дека не треба да учествува на истите. И сега тој тука не може да воочи дека се судира со еден феномен, а тоа е дека не можеш да успееш во нешто ако не се обидеш да го направиш тоа. Што ќе рече не можеш да победиш на избори ако цело време ја залажуваш македонската јавност, измислувајќи проблеми и таму кај што ги нема, и на крајот кукавички, без причина и повод, кога сите поставени услови ќе ти ги исполнат како најобична музичка желба, ќе се откажеш од учеството на истите. Kадофобите од типот на Зоран Заев обично завршуваат станувајќи најцинични од сите циници. Ете таков циник е и Зоран Заев: тој во секој момент им кажува на своите политички противници, кои најчесто ги перцепира како непријатели, дека работат незаконски, корумпирани се, и како такви се големи криминалци. Тука, чинам не можеме да му помогнеме. Можеби помага едно убаво огледало во кое треба само да се погледне и да го види ликот на аболицираниот Зоран Заев, црпнатиот од Муртино, градоначалник на Струмица – аболицираниот од Бранко Црвенковски. Можеби тука некаде ќе ја види и својата посакувана перспектива, Премиер на Република Македонија. А можеби и нема да ја види. И логично е да не ја види таа перспектива. Kако може тој да стане премиер на Република Македонија, кога после исполнувањето на сите негови барања во врска со Договорот од Пржино и изборите, тој упорно брка фантоми и изјавува дека СДСМ и опозицијата нема да учествуваат на изборите.

Тука доаѓаме до втората фобија, или до вториот современ страв на Заев, а тоа е ексциркулофобијата. Тоа е страв дека нема да бидеш избран на изборите. Инаку, тоа е широко распространет страв кој започнува уште од училишни и студентски денови. Опасноста од оваа фобија е тоа што кај некои личности, ете на пример како кај Зоран Заев, таа опстојува многу долго и трае се до крајот на политичката кариера и општествениот ангажман. Основата на која се заснова оваа фобија е многу интересна. Тоа е стравот што ве има обземено во толкава мера што вие како личност запаѓате во погубен очај. Тоа значи дека сте очајни не само што нема да бидете избрани на избори, туку и затоа што имате притаено внатрешно чувство дека тоа и не го заслужувате. Ете мислам во токму такви гомненици се наоѓа Зоран Заев, кој има такви џебови во своето сеќавање во кои има складирано едно 200-300 илјади фантоми-избирачи, кои постојано му брмчат во главата, и во зависност од интензитетот на тоа брмчење тој еднаш вели дека има 500.000 фантоми избирачи, а друг пат 200-300 илјади. Сето тоа е зависно од приликата, а богами и од потребите да се остави уметнички впечаток и слика на човек кој ја зборува вистината, кои треба да се поверодостојни од самата реалност, од фактичката состојба во врска со избирачкиот список и од самата вистина.

Тука некаде се допираме и до темата за двојник, поточно поделеното и /или многуслоевитото јас. Ова е психолошка тема, како таква многу комплексна, и за нејзино образложување потребно е и простор и време, ама еве јас ќе отпочнам со истата, па ќе видиме до каде ќе стигнеме. Kолку за потсетување еднаш пишував за поделеното Јас на Заев, Јас – градоначалникот, и Јас – премиерот, но сега веќе Заев е на едно повисоко ниво, каде на неговото поделено Јас, тој ги додава Ти –Фантом, Тој – Фантом, Тие – Фантоми, ги мултиплицира до 200-300 илјади, и сите до еден ги сместува во Избирачкиот список на РМ. Ова веќе е изборна фантомологија, која можеме да ја објаснуваме на повеќе начини. Најпрвин можеме да се послужиме со расказот „Вилијам Вилсон“ од Едгар Алан По, во кој се зборува за феноменот на двојникот и во која психоаналитичарите го препознаваат односот на его и супер его, а традиционалните моралисти во двојникот гледаат инкарнација на совеста. Во случајот на Заев имаме едно супер фантомско его, кое ги ништи егото и идот, и с`, ама буквално с`, претвора во фантоми. На располагање ни стои и расказот „Нос“ од Гогољ (да се потсетиме на познатата српска народната изрека мој нос, мој понос), за чие разбирање, поточно разбирањето на смислата на метафората, ни се потребни психоаналитичките толкувања на Зигмунд Фројд. Но, како и да гледаме, како и да толкуваме, крајниот заклучок би бил дека од една цела генеологија на темата нос и една лажна горделивост, може да се согледа огромната желба за моќ, која на крајот доведува до сопствена негација и губење на индивидуалноста во лавиринтот на фантомизмот и стотиците илјади фантоми. За некои двојникот е преправање и сокривање на идентитетот, а за други насилна преобразба или метаморфоза на интелектуалниот и егзистенционалниот топос. На Заев својствени и блиски му се двата става, т.е. гледишта, и истите ги користи во зависност од ситуацијата и патолошката потреба обични и нормални граѓани избирачи насилно да ги претвора и прикажува во фантоми избирачи. Така тој прави срамна хипертрофија на својствата и можностите на личноста на истите тие граѓани, на начин што го загрозува нивниот интегритет. Kако и да е, и двете гледишта се плод на бујна фантазија и голема имагинација, и се темелат на заблуди, забуни и контрадикторности. Со цел сите овие работи да се појасни, потребно е да се објасни поимот „фантом“. Тоа е Арсен Лупен (Arsen Lupin) или Фантом (Fantomas), таа фабулозна личност на тривијалната книжевност и треторазредната филмска индустрија. Се сеќавате, сакајќи тој да постигне некоја криминална замисла, го прикриваше својот идентитет. Заев користејќи се со такви евтини филмски трикови и досадни прозни бајки и фантазии, на приватните личности и граѓанскиот статус на истите, им става фантомски маски, со пуста желба да докаже дека преку својата непрепознатливост тие гласале и ќе гласаат повеќепати. Сакајќи другите да ги обезличи, Заев го губи својот лик, и неговото лице на политичар се распаѓа од страшна внатрешна зараза. Тоа е чумата на неговите морални пороци во политиката што еве веќе две години ја практикува. Веќе навлеговме на теренот на јунакот на Оскар Вајлд – Доријан Греј, а богами се доближивме и до јунаците на Стивенс – добриот доктор Хајд, и злобниот граѓанин Џекил. За нивното сродство со Заев, а и за прашањето зошто токму Фантом му е близок и драг на Заев, нешто повеќе во следната колумна.

Сотир КОСТОВ