Времето ќе биде облачно со локални врнежи, претежно од снег, главно со слаб интензитет. Повеќе врнежи ќе има во планинските региони на северозападот и истокот од државата, каде се очекува формирање или зголемување на снежната покривка. Формирање мала снежна покривка е можно некаде и во пониските делови на северот од земјава. Температурата ќе се движи од минус еден до пет степени. 

Во Скопје слично време, со температура од нула до три степени. 

Појава на врнежи ќе има и во вторник, но само на крајниот запад. Во останатите делови преку денот ќе има сончеви периоди, ќе дува умерен југозападен ветер, а температурата осетно ќе се зголеми.

Поинтензивен влажен бран со врнежи од дожд се очекува в среда доцна попладне, како и во текот на ноќта кон четврток, кога поради нагло заладување врнежите ќе преминуваат во снег.

Најстудено ќе биде в петок, кога утринската температура ќе се движи од минус осум до минус два степена, а дневната од два до десет степени.